Ураганот „Мелиса“, вториот најмоќен ураган во историјата на Атлантикот, ја погоди Јамајка, носејќи катастрофални ветрови и обилни врнежи од дожд. Националниот центар за урагани (NHC) издаде драматични предупредувања до жителите, повикувајќи ги веднаш да побараат засолниште.

„Мелиса“ е ураган од категорија 5, со ветрови што достигнуваат брзина од 300 км/ч и централен притисок од 892 милибари. Островот го погоди во утринските часови, а метеоролозите предупредуваат дека дождот ќе се спушти по планините како „воден лизгач“, предизвикувајќи сериозни поплави во градовите и местата.

Јамајканската влада веќе евакуираше околу илјада луѓе и ги смести во засолништа бидејќи земјата се соочува со директен удар од една од најмоќните бури во својата историја. Министерката во кабинетот на премиерот Абка Фиц-Хенли нагласи дека се очекува значителна штета на инфраструктурата.

На жителите им беше советувано да се држат подалеку од брегот и да бараат засолниште во цврсти згради, подалеку од дрвја и надворешни ѕидови, и доколку е можно да ги заштитат главите со душек или кацига.

Првичните снимки што се појавија на социјалните мрежи покажуваат разорни налети на ветер и обилни дождови додека ураганот минува покрај копното на Јамајка. Метеоролозите предупредуваат дека ефектите од бурата ќе траат со денови, а жителите се повикуваат да бидат исклучително внимателни.

„Мелиса“ се засили и продолжува да се движи кон североисток, што значи дека другите карипски земји би можеле да го почувствуваат влијанието на ураганот во наредните часови.

Текстот (Видео) Ураганот „Мелиса“ ја погоди Јамајка, жителите добиваат драматична порака: „Последна шанса за бегство“ е превземен од МАКФАКС.