Повеќе од 200 последователни потреси ја погодија денес северозападна Турција, по вчерашниот земјотрес со магнитуда од 6,1 степени. Турската агенција за управување со катастрофи AFAD соопшти дека регистрирала 237 последователни потреси, од кои 10 биле со магнитуда од најмалку 4,0 степени.

Многу жители на погодениот регион ја поминале ноќта надвор или во своите автомобили поради страв од нови земјотреси, јавуваат турските медиуми.

Епицентрите на земјотресот биле лоцирани во округот Синдирги во покраината Баликесир, каде што вчера во земјотресот загина најмалку едно лице, а 29 се повредени.

Земјотресот се случил на длабочина од 11 километри и бил почувствуван во Истанбул и Измир, на повеќе од 200 километри оддалеченост. Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја изјави дека најмалку 16 куќи се уништени во земјотресот. Спасувачките операции се во тек, а четири лица се во болница, објави ДПА.

Земјотресите се чести во Турција, која се наоѓа на спојувањето на три главни тектонски плочи. Мегалополисот Истанбул е особено изложен, а беше погоден од земјотрес со јачина од 6,2 степени во април. Двојните земјотреси во февруари 2023 година убија повеќе од 53.000 луѓе во јужна Турција и неколку илјади во блиска Сирија.

фото: принтскрин

Текстот (Видео) Најмалку едно лице загина во земјотресот во Турција, повеќе од 200 последователни потреси е превземен од МАКФАКС.