Со задоцнување од неколку дена поради технички причини, бродот „Open Arms“ со околу 150 тони хуманитарна помош за Газа рано утрово отплови од пристаништето во Ларнака на Кипар, а е во рамките на иницијативата „Амалтиа“ за поморскиот хуманитарен коридор, јави дописничката на МИА од Атина.
Според кипарските медиуми, патувањето на бродот до Газа ќе трае два дена, а пренесува околу 150 тони што вклучува храна, вода и медицински материјали.
Првичниот план беше бродот да отплови во неделата попладне, потоа беше одложено за вчера претпладне, а доцнењето се должеше на технички проблеми, односно на фактот што во Газа не била подготвена платформата на која ќе биде доставена хуманитарната помош.
Претседателот на Кипар Никос Христодулидис на Х утрово напиша дека „Амалтиа“ е „патување на надеж и хуманост и само што започна“.
-Првиот брод во рамките на иницијативата за кипарскиот поморски коридор за хуманитарна помош за Газа исплови. Претставува спас за цивилите, напиша Христодулидис.
Во иницијативата „Амалтиа“ за поморски хуманитарен коридор за Газа се вклучени ЕК, Велика Британија, Германија, Грција, Италија, Кипар, Обединетите Арапски Емирати, САД и Холандија.