Офанзивата на руската армија за окупација на стратешкиот град Мариупол можеби достигна побрутално ниво односно употреба на хемиско оружје. Шефицата на британската дипломатија Лиз Трас рече дека има извештаи за употреба на хемиски агенси и дека тие работат со партнерите за да ги потврдат деталите. Секретарот на вооружените сили на Обединетото Кралство рече дека доколку наводите се потврдат, претседателот Путин треба да знае дека Западот ќе одговори.

„Да бидеме јасни, ако се потврдат , тогаш рускиот претседател Путин мора да знае дека сите можни опции се на маса за тоа како Западот може да одговори“, вели Џејмс Хепи, министер на вооружените сили, Британија.

Силната реакција од В. Британија доаѓа откако баталјонот „Азов“, кој го брани градот Мариупол, соопшти дека руските војници користеле отровна супстанца од непознато потекло против украинските сили и цивилите. Претседателот Володимир Зеленски, исто така, изрази загриженост за можната употреба на хемиско оружје во својата последна порака.

„Слушнавме од окупаторите дека се подготвуваат за нова фаза на терор против нас и нашите бранители. Еден од портпаролите на окупаторот рече дека размислуваат за употреба на хемиско оружје против бранителите на Мариупол. Ги потсетувам светските лидери дека претходно се разговараше за употреба на хемиско оружје од страна на руската војска, што значи дека одговорот на агресијата на Москва требаше да биде посилен и побрз“, изјави Зеленски.

Проруските сепаратистички сили во регионот на Доњецк негираат дека користеле хемиско оружје во јужниот пристанишен град Мариупол. Командант на сепаратистите рече дека хемиското оружје не било употребено и покрај тврдењата на Украина. Од друга страна, властите во Мариупол најавија дека битката за градот продолжува и покрај информациите дека украинските сили се блиску до капитулација и Русите можат многу брзо да ја преземат контролата. Градоначалникот на стратешкиот град изјави дека од почетокот на војната досега биле убиени најмалку 10 илјади граѓани а телата според него се расфрлани по улиците.Тој додаде дека се уште има 120.000 цивили во Мариупол на кои итна им е потребна храна, вода и лекови.

„Делот од градот што го окупираше руската армија беше затворен и тие се обидуваа да ги сокријат доказите за нивните злосторства. Сега ни е јасно зошто не дозволија никакви хуманитарни мисии. Станува збор за илјадници жртви. Ако споменеме бројки, тогаш тие се страшни. Убиени се над 10 илјади цивили“, рече Вадим Бојченко, градоначалник на Мариупол.

Властите во Украина предупредија дека армијата на Владимир Путин оставила зад себе десетици илјади нагазни мини од зоните каде се повлекле.

Арта Тахири