Неколку стотици белгиски земјоделци со своите трактори од утрово ги блокираа улиците во т.н. „европски кварт“ на Брисел, каде се сместени институциите на ЕУ, предвидувајќи проблеми и застои во сообраќајот, а дел од нив го запоседнаа и централниот бриселски плоштад Гран Плаз.
Протестот го организираат земјоделски здруженија од јужна Белгија кои најавија дека главниот собир ќе се одржи на плоштадот Шуман, близу зградите на институциите на ЕУ, каде во исто време се одржува заседанието на министерскиот Совет за земјоделство и рибарство на ЕУ на кој главна тема е „потребата од итен и системски одговор на актуелните состојби во земјоделскиот сектор“.
Портпаролката на бриселската полиција Илзе ван де Кере за „Брисел Тајмс“ изјави дека улиците во „европскиот кварт“ веќе се блокирани со околу 300 трактори, а поголем број земјоделски возила се „паркирани“ и на главниот булевар што води кон плоштадот Шуман.
– Неколку други групи трактори се на пат кон таму, рече Ван де Кере.
Според неа, регистрирани се и неколку фрлени димни бомби, но состојбата е мирна и нема никакви проблеми или инциденти, освен што е бучно бидејќи земјоделците трубат со сирените на своите трактори.
– Распоредуваме повеќе полицајци во „европскиот кварт“, на критичните точки и на влезовите во градот за да обезбедиме се да биде мирно, додаде Ван де Кере.
Од 6 часот утрово за сообраќај се затворени пристапните улици кон „европскиот кварт“ и четирите тунели што водат кон центарот на Брисел.
Полиција уште синоќа предупреди дека блокадите би можеле да траат до доцните попладневни часови и им препорача на жителите на Брисел да не се движат со своите возила во правец на „европски кварт“ на градот и наместо тоа да го користат јавниот превоз.
Бриселското јавен сообраќајно претпријатија СТИБ, меѓутоа, соопшти дека поради протестите во прекин се неколку трамвајски и автобуски линии, а затворени ќе бидат и двете метро станици во „европскиот кварт“.
Целта на денешниот собир, како што најавија организаторите, е да се изрази незадоволство од „престрогите европски правила за животна средина, падот на приходите и неодамнешните одлуки на Европската комисија“, кои беа донесени како одговор на земјоделските протести во Брисел одржани на 1 февруари.
Како реакција на протестите на земјоделците, Еврокомисијата предложи отстапувања од правилото воведено како дел од мерките за намалување на штетното влијание на земјоделството врз животната средина и климата кое превидува на четири отсто од обработливото земјиште на фармите поголеми од 10 хектари да бидат засадени трева, жива ограда или дрва, како и ограничување за увозот на живина, јајца и шеќер од Украина.
Но, земјоделците бараат и замрзнување на одредбите од договорите за слободна трговија на ЕУ со трети земји во делот на увозот на земјоделските производи, запирање на преговорите за склучување договор за слободна трговија меѓу Унијата и државите од Јужноамериканскиот заеднички пазар (Меркосур) – Аргентина, Бразил, Парагвај и Уругвај, како и утврдување на „силна заедничка земјоделска политика на блокот насочена кон поддршка на земјоделството“.
Според земјоделците, договорот со Меркосур, кој е меѓу точките за расправа на денешниот состанок на министрите за земјоделство и рибарство на земјите членки на ЕУ во Брисел, ќе овозможи влез на евтини земјоделски производи на пазарот на Унијата на штета на европските фармери, па затоа и бараат прекин на преговорите за негово склучување.
Земјоделските здруженија посочуваат дека овој договор ќе биде „погубен за западноевропските земјоделци, кои со години вложуваат големи напори за производство на еколошка, одржлива и безбедна храна“, бидејќи ќе ги стави под притисок своите производи да ги нудат за пониски цени.
Организаторите на денешниот протест бараат и на земјоделците да им се гарантираат фер и стабилни цени, да се ублажат мерките поврзани со зелените стандарди, пред се они околу азотните ѓубрива, како и да им се обезбеди поддршка за имплементација на агроеколошките практики, посочувајќи дека овие прашања не се опфатени со предлозите на Европската комисија најавени по претходниот земјоделски протест во Брисел, кога земјоделците, пред се од Белегија, но и од неколку други европски земји, го блокираа градот со над 1.000 трактори.
Во рамките на ЕУ со земјоделство се занимаваат околу 10 милиони лица, за чија поддршка од Повеќегодишната буџетска рамка на ЕУ за периодот 2021-2027 година се предвидени 386,6 милијарди евра, што претставува една третина од вкупната вредност на европскиот Буџет.
Меѓутоа, според земјоделските здруженија, проблемот на е во висината на средствата предвидени со Буџетот, туку во „нерамномерната распределба на помошта за европските земјоделци“.
Тие посочуваат дека дури 80 отсто од буџетските средства наменети за земјоделството завршуваат во големите агроиндустриски бизниси со кои се опфатени само 20 проценти од земјоделските производители, додека четири петтини од земјоделците, пред се оние со мали и средни семејни фарми, добиваат многу мал дел од финансискиот колач.