Онлајн настава за учениците, работа од дома за вработените во јавниот сектор, силна препорака истото да важи и за приватниот сектор, се дел од одлуките на грчката влада за областа Атика, поширокиот регион на Атина, а истите правила важат и за островот Крит.

По вчерашната владина седница, портпаролот Јанис Иконому соопшти дека градинките, основните и средните училиштата денеска и утре ќе останат затворени, а учениците ќе следат онлајн настава. Затворени ќе бидат и судовите, продавниците ќе работат со скратено работно време од 10 до 18 часот, а забранети се услугите за достава до дома.

Снегот што обилно паѓаше во понеделникот создаде низа проблеми во поширокиот регион на Атина, а сè уште во делови од градот во прекин е снабдувањето со електрична енергија.

Вчера и завчера со одлука на владата беа неработни денови, а училиштата и градинките се затворени од понеделникот.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис пред вчерашната владина седница им се извини на граѓаните поради новонастанатата ситуација, осврнувајќи се на проблемите предизвикани од снегот и коментирајќи оти постоеле пропусти и недостатоци.

За хаосот на автопатот „Атики Одос“, кој ги поврзува атинските предградија, каде што возачи и по 12 часа останаа заглавени во своите автомобили, Мицотакис им се извини на граѓаните и истакна дека одговорноста е на приватната компанија – концесионер и затоа возачите ќе добијат отштета од 2 000 евра.

Тој призна оти проблеми немаше само на конкретниот автопат, туку и на централни улици и булевари во поширокиот регион на Атина.

Додаде дека во оваа насока ќе следат и промени за да постојат комисии за управување со кризи за во иднина да нема појави на недоразбирање, доцнење во одлучувањето итн.