Постојните вакцини против коронавирусот ќе обезбедат заштита од потешки форми на ковид-19, предизвикани од новиот сој омикрон, изјавил Владимир Гушчин, шефот на лабораторијата на рускиот истражувачки центар „Гамалеја“, која ја разви вакцината „Спутник“, пренесе „Interfax“.
„Можеме да бидеме сигурни дека вакцините ќе продолжат да функционираат и ќе штитат од потешки форми на инфекција, како што се случи со сите претходни видови на вирусот, а тоа е најважното нешто“, изјави Гушчин за вестите на телевизијата Русија 24.
На прашањето дали е неопходно да се приспособи составот на вакцините против ковид-19 поради појавата на сојот омикрон, Гушчин вели:
„Одговорот на тоа прашање ќе биде можен дури по експерименталното истражување. Претпоставувам дека првите резултати ќе бидат достапни за научната заедница за три или четири недели“.
Според него, ако е вистина дека вирусот претрпел повеќе мутации, првото прашање што се поставува е како влијаел на ефикасноста на вакцините, бидејќи одредени мутации можат да ја намалат можноста за неутрализирање на вирусот.
„Тоа го знаеме од искуството со справување со претходните соеви. Иако постои одредено намалување на ефикасноста во однос на одредени соеви, сепак, заштитна функција на антителата не исчезнува целосно“, додаде Гушчин.
Светската здравствена организација (СЗО) новиот вид на коронавирусот, кој првично беше откриен во Јужна Африка, го именуваше како омикрон. Од СЗО велат дека станува збор за сој кој има голем број мутации, од кои некои се загрижувачки.