Црната листа на САД ќе се проширува и покрај името на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на неа ќе се најдат и други македонски граѓани, најави американската амбасадорка Анџела Агелер. Додека американскиот заменик-помошник државен секретар за Западен Балкан, Габриел Ескобар, се надева дека одлуката на американскиот Стејт департмент за ставање на Мерко на „црната листа“ на САД поради „значителна корупција“, ќе и помогне на Владата на Северна Македонија да продолжи со напорите за борба против корупцијата, за премиерот Димитар Ковачевски тоа потврдува дека на нашиот истражен и правосуден систем му треба генерален ремонт, посочувајќи дека „нашите истражните и правосудни органи треба да се запрашаат како САД дошле до такви информации на коишто ја базираат својата одлука, а се наоѓаат неколку илјади километри далеку од тука, а нашите органи не дошле до такви податоци сите овие години“.
Американската амбасадорка Анџела Агелер, нагласи дека овој процес на назначување трае подолго и е процес кој внимателно се спроведува и се врши ревизија на сите докази и се што е утврдено.
– Има една листа на имиња кои се во процес на ревизија и на разгледување и откако ќе се утврдат сите факти ќе се донесе одлука. Не можам точно да кажам за временските рокови кога би се реализирале сите овие процеси, но сметам дека ќе има и други на листата, но не би можела да кажам точно кога, изјави Агелер