Русија изврши напади со дронови и ракети врз вториот по големина украински град Харкив, при што загинаа шест, а беа повредени 11 лица, изјави денеска градоначалникот Ихор Терехов.
Украинската национална полиција соопшти дека нападот бил извршен со беспилотни летала и објави слики од пожари што избувнаа на улиците и покрај зградите, пишува Ројтерс.
„Од утрово има шест загинати и 10 повредени како резултат на нападот што се случи по полноќ во областа Шевченковски. Во нападот се погодени станбени области – најмалку девет високи згради, три студентски домови, голем број административни згради, продавница, бензинска пумпа, сервис и автомобили се оштетени“, напиша Терехов на апликацијата Телеграм.
Руските сили ја интензивираа својата воздушна кампања во Украина, напаѓајќи ги урбаните области. Нападот на Харкив се случи два дена откако руските сили пукаа со беспилотни летала врз станбени згради, како и врз електраната во градот.
Харкив, кој се наоѓа во близина на руската граница, често беше цел на напади во текот на повеќе од две години војна.
Шефот на кабинетот на претседателот Володимир Зеленски, Андриј Јермак, изјави за весникот Политико во интервју објавено во четвртокот, дека го гледа Харкив како најверојатната цел за каква било нова руска офанзива во мај или јуни.
Американскиот тинк-тенк Институт за проучување на војната неделава соопшти дека целта на ескалацијата на руските напади врз цивилните области и врз електричната мрежа во земјата може да биде да се принуди армијата на Украина да распореди системи за противвоздушна одбрана подалеку од линијата на фронтот.
Од тинк-тенкот додадоа дека ова ќе ѝ овозможи на Русија да обезбеди поголема воздушна заштита за нејзините копнени операции на бојното поле.
Г. Т.