И во оваа натпреварувачка сезона 2021/2022, Македонската кошаркарска федерација ќе биде организатор на финалниот турнир од Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“.
Натпреварите, во машка и во женска конкуренција, ќе бидат реализирани во салата на Спортско-рекреативниот центар „Кале“ во Скопје, во период од 18. до 20. февруари, 2022 година.
За трофејот во машка конкуренција ќе се борат осум екипи кои беа најдобри по одиграните 11. кола од првиот дел од Првата лига-мажи. За пехарот во женскиот сегмент, ќе конкурираат четирите најдобри екипи по одигрувањето на 14. коло од првиот дел од сезоната во Првата лига-жени.
Бранител на титулата во машка конкуренција е екипата на МЗТ Скопје Аеродром, додека во женска конкуренција е екипата на Баскет Кам 2011 од Македонска Каменица.