Министерството за надворешни работи засега не споделува информација колку државјани на Македонија кои се наоѓаа во Украина евентуално се вратиле дома. Регистрирани беа стотина кои престојуваат во таа земја. Во Киев сигурно ќе останат двајца наши дипломати, како и триесетина наши набљудувачи кои се дел од ОБСЕ, иако дел од земјите-членки во оваа организација, веќе го повлекуваат кадарот. Во меѓувреме, додека се шири безбедносна информација дека руската воена инвазија е евентуално неизбежна, жителите на Киев се спокојни.
„Треба да се грижиме само за нешто на кое може да влијаеме. Секако, ги гледам вестите, но се обидувам да не се грижам…“
„Не верувам дека Русија ќе нè нападне. Имам пријатели во Сакалин, во Краснодар… Не верувам дека ќе нè нападнат“, рекоа жителите на Киев.
Нови напори за надминување на тензиите се очекуваат утре, кога украински и руски претставници ќе седнат на заедничка маса. До средбата ќе дојде откако Украина, преку Виенскиот договор на ОБСЕ, побара информации од Русија за воените капацитети на границата, но не го доби посакуваниот одговор.
„Во одговорот ги потврдивме нашите грижи за опасното ширење на НАТО на исток во земјите од поранешниот Советски сојуз, вклучувајќи ја и Украина“, порача рускиот претседател, Владимир Путин.
„Русија го формулираше одговорот на начин што нема никаква врска со Виенскиот договор. На овој начин Русија се обидува да го избегне одговорот за нејзината воена активност долж нашите граници и да ја префрли одговорноста на Украина“, рече Олег Николенко – портпарол на МНР на Украина.
Официјален Киев исто така потврди и дека нивна заложба останува членството во НАТО, откако претходно украинскиот амбасадор во Лондон, Вадим Пристајко, посочи дека неговата земја размислува за сериозни отстапки во однос на НАТО, со цел да се избегне војна.
Лука Андреев