„Војната мора да заврши, неопходно е да се седне на маса за преговори, кои ќе бидат суштински, искрени и во интерес на народот“, порача украинскиот претседател Володимир Зеленски, додавајќи дека Киев е подготвен за нова рунда преговори.
Сепак, четвртата рунда најверојатно прво ќе го чека исходот од средбата на двајцата министри за надворешни работи на Русија и на Украина – Сергеј Лавров и Дмитри Кулеба, која ќе се одржи утре во Анталија, под посредништво на домаќинот Мевлут Чавушоглу. Украинскиот министер Кулеба е воздржан во очекувањата, откривајќи ги трите најважни прашања за Киев.
„Нашите интереси се прекин на огнот, ослободување на нашите територии од окупаторските сили и трето, безусловно решение за хуманитарните прашања кои произлегоа од катастрофите што ги направи руската армија во Украина“, рече Дмитри Кулеба – министер за надворешни работи на Украина.
Според Кулеба средбата ќе биде важен момент. И портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков за исходот од средбата во Турција вели дека многу е важна за понатамошниот тек на преговарачкиот процес, а големи очекувања сподели и турскиот претседател Ердоган.
„Турција вложува големи дипломатски напори да се стави крај на војната. Се надевам дека состанокот ќе ја „отвори вратата“ за целосен прекин на огнот во Украина“, вели Ердоган.
Во меѓувреме, портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, повторувајќи ги барањата за признавање на Доњецк, Луганск и Крим, неутрален статус на Украина и нејзина демилитаризација, истакна дека очекува напредок на четвртата рунда преговори.
„Паралелно со специјалната воена операција, се водат преговори со украинската страна со цел што поскоро да се стави крај на бесмисленото крвопролевање и отпорот на украинските вооружени сили… Постигнат е одреден напредок“, изјави Захарова.
Досега од преговорите меѓу двете делегации единствено беа договорени хуманитарните коридори.
Лука Андреев