Критичарите велат дека локацијата била избрана за да ја зајакне неговата претседателска кампања во услови кога се соочува со голем број кривични пријави, објави Радио Слободна Европа.
Поранешниот американски претседател го нарече овој митинг свој прв голем настан во претседателската трка во 2024 година и ги покани поддржувачите да се соберат на аеродромот во Вако, Тексас за да ја поддржат неговата кандидатура за номинација од редовите на Републиканската партија.
Вако ја одбележува 30-годишнината од рацијата на федералните агенти на тамошната религиозна секта Бранч Давидијан, која резултираше со 86 смртни случаи, вклучително и четворица полицајци. Некои десничарски екстремисти ја гледаат рацијата како клучен момент на пречекорувања на овластувањата на владата.
Портпаролот на кампањата на Трамп во изјава испратена преку е-пошта рече дека Вако е избран затоа што се наоѓа помеѓу неколку големи населени центри и има инфраструктура да биде домаќин на голем настан.
Трамп се соочува со правни потешкотии поради низа тековни кривични истраги. Една од истрагите се однесува на наводна исплата на порно ѕвездата Сторми Даниелс за време на неговата кампања за Белата куќа во 2016 година. Трамп се обиде да го прикаже овој случај како политички мотивиран. Вчера тој издаде апокалиптично предупредување, велејќи дека САД ќе се соочат со потенцијална „смрт и уништување“ доколку тој биде обвинет за ова кривично дело.
„Трамп оди по јаже без заштитна мрежа, сигнализирајќи дека нема што да загуби и дека е подготвен да ризикува со опасни исходи за да собере поддршка“, рече Рон Бонжан, републикански стратег во Вашингтон.
Неколку поддржувачи ги послушаа неговите повици да излезат на улиците за да протестираат против можното обвинение во случајот Менхетен поврзано со исплати на порно ѕвездата.
Се очекува Трамп да зборува во 17 часот по локално време и да се спротивстави на потенцијалните обвиненија, пренесува РСЕ.
Градот Вако соопшти дека очекува 15.000 луѓе да присуствуваат на митингот.
Во едиторијал, Хјустон хроникл напиша дека одлуката да се одржи настанот во градот Вака на годишнината од опсадата на објектот на сектата претставува многу повеќе од порака до екстремно десничарските и конспиративни поддржувачи на Трамп.
Тимоти Нафтали, претседателски историчар на Универзитетот во Њујорк, рече дека ќе следи дали Трамп експлицитно ќе ги спомнува теориите на заговор поврзани со опсадата, слично на тоа како што промовираше лаги за украдени избори во 2020 година пред нападот на неговите поддржувачи на Капитолот во Вашингтон на 6 јануари 2021 година.
Покрај обвинителите, мета на критиките на Трамп најверојатно ќе биде и Рон ДеСантис. ДеСантис, гувернерот на Флорида, допрва треба да ја објави својата кандидатура за републиканската номинација.
Собирите на Трамп обично привлекуваат илјадници поддржувачи кои сакаат да го видат во живо. Трамп продолжи да одржува митинзи и откако ја напушти функцијата.