Најмалку 46 тела се пронајдени во приколка на напуштен камион на периферијата на Сан Антонио, Тексас.
Advertisements
Од противпожарната служба соопштија дека 16 луѓе, меѓу кои четири деца, се пренесени во болница. Преживеаните имале температура и страдале од топлотен удар и исцрпеност.
Камионот бил пронајден покрај пруга во оддалечена област на јужната периферија на градот. Сан Антонио се наоѓа на 250 километри од границата меѓу САД и Мексико и е главна транзитна рута за шверц на луѓе.
Трговците со луѓе често користат камиони без документи за да превезуваат мигранти кои успеале да преминат во САД.
„Имале семејства и веројатно се обидувале да најдат подобар живот“, рече градоначалникот на Сан Антонио, Рон Нирнберг.
„Тоа не е ништо друго освен ужасна, човечка трагедија“, вели тој.
Климата во Сан Антонио е неверојатно жешка во текот на летните месеци. Температурата во понеделникот достигнала 39,4 степени Целзиусови.