Новата такса од 100.000 долари за визи H-1B во Соединетите Американски Држави, која стапува во сила денеска, ќе се наплаќа по петиција и нема да се применува на постојните носители на визи кои повторно влегуваат во земјата, соопшти Белата куќа.

„Ова НЕ е годишна такса. Тоа е еднократна такса што се однесува само на петиција“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, во објава на X во саботата.

Петицијата е барање од компанија да донесе квалификуван работник од друга земја во Соединетите Американски Држави.

Ливит рече дека на сегашните носители на визи H-1B кои моментално се надвор од земјата нема да им бидат наплатени 100.000 долари за повторно влегување во Соединетите Американски Држави.

Министерот за трговија, Хауард Лутник, во петокот изјави дека таксата ќе се плаќа годишно, но додаде дека деталите „сè уште се разгледуваат“. Појаснувањето од Белата куќа во саботата претставува отстапување од изјавата на Лутник.

Ливит рече дека носителите на H-1B визи можат да ја напуштат и повторно да влезат во земјата како што би правеле вообичаено и дека новата такса ќе се применува само во следната рунда на лотарија H-1B, а не за сегашните носители на визи или обновувања.

Од Белата куќа велат дека таксата се наметнува за да се изедначи полето за игра за американските работници, за кои рече дека се „заменуваат со пониско платена странска работна сила“.

Извршната наредба со која се воведува нова такса за виза H-1B, потпишана од претседателот Доналд Трамп, би можела да ги наруши глобалните операции на индиските компании за технолошки услуги кои ги испраќаат своите професионалци во САД, соопшти претходно индискиот надзорен орган за ИТ индустријата „Наском“.

Текстот Стапува во сила новата такса за работна виза за САД е превземен од МАКФАКС.