Во Словенија од денеска се укинуваат потврдите за ковид-19 и самотестирањето на учениците. „Од понеделник ја напуштаме проверката на статусот на болни, вакцинирани и тестирани, освен во болниците, домовите за стари лица, затворите и слични установи“, изјави словенечкиот министер за здравство Јанез Поклукар по седницата на Владата. Тој додаде дека одлуката е веќе на сила, според која веќе нема проверка на статусот на границата на влезот во Словенија. Се укинува и тестирањето во училиштата, но учениците во училницата сѐ уште треба да носат маски.
Поклукар рече дека Владата одлучила да продолжи интензивно да ги прилагодува мерките на епидемиолошката состојба која се подобрува, но дека треба да продолжат да се применуваат основни антиепидемиски и хигиенски мерки. Потрошувачите и вработените во различни дејности од денеска повеќе нема да мора да го докажуваат својот статус при влез во фирми, продавници, ресторани или други услужни дејности. „Ќе продолжиме да ја следиме епидемиолошката состојба и доколку е потребно, ќе додадеме или повторно ќе воведеме мерка, но се надевам дека тоа нема да биде неопходно“, изјави Поклукар./slobodnaevropa