Руските окупатори подметнаа пожар кај нуклеарната централа Запорижжиа, претседателот Зеленски ги повика светот и МААЕ да реагираат

Украинските власти доцна во неделата пријавија пожар во околината на нуклеарната централа Запорижжиа што е под руска окупација. Локалните власти соопштија дека тоа е провокација од страна на руските сили и ги повикаа западните сојузници и ОН да дејствуваат, објави Асошиетед прес.

„Енерходар. Од Никопол снимивме дека руските окупатори подметнале пожар на територијата на нуклеарната централа Запорижжиа. Во моментов, нивото на радијација е во рамките на нормалата. Сепак, сѐ додека руските терористи ја одржуваат контролата над нуклеарната централа, ситуацијата не е и не може да биде нормална“, објави украинскиот претседател Володимир Зеленски на социјалните мрежи, каде што сподели и видео од пожарот, објави ЦивилМедиа.

Украинскиот лидер потсети дека од првиот ден на окупацијата, рускиот агресор ја користи нуклеарната централа Запорижжие за да ја уценува Украина, но и цела Европа и светот.

„Чекаме светот да реагира, чекаме МААЕ да реагира. Русија мора да одговара за ова. Само украинската контрола над АЕЦ Запорижжие може да гарантира враќање во нормала и целосна безбедност“, напиша претседателот Зеленски.

Нападот врз нуклеарната централа е обид да се заплаши Украина и светот, откако Кремљ се соочува со продор на украинските воени сили на руска територија веќе шести ден. Тоа е најголемиот таков напад откако рускиот агресор започна целосна инвазија на 24 февруари 2022 година. Украинскиот напад претставува голем срам за руските воени лидери на кои не им успеваат обидите да го спречат пробивот.

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), која има свој персонал стациониран во кризното подрачје, постојано апелира на воздржаност, предупредувајќи дека непромислената воена акција може да предизвика голема нуклеарна несреќа во централата, објави француски Ле Монд.