Руските воени сили го гранатираа рускиот град Белгород, кој се наоѓа во близина на границата со Украина. Од Министерството за одбрана потврдуваат дека, како што велат, случајно дошло до инцидентот, но сепак додаваат дека ќе започне истрага. Според информациите што ги објавуваат локалните медиуми две лица се повредени од експлозијата на гранатата во центарот на градот, а има и материјална штета врз станбени згради.
Инаку, додека сѐ уште траат битките на терен, особено во украинскиот град Бахмут, претседателот Володимир Зеленски повторно повика да се прифати украинската мировна формула, која предвидува повлекување на руските трупи од нивна територија, а потоа седнување на заедничка маса за мировни преговори.
„Некои лидери воопшто ја немаат посетено Украина и немаат видено што руската агресија донесе овде и зошто е важно да го одбраниме животот. Сепак, само за да постигнат некаков популизам, тие споделуваат некаков став за Украина, дека наводно, не е подготвена да оди кон мир. Тоа е погубна визија“, рече Зеленски.
Од Кремљ пак, вчера повторија дека главна цел на нивната воена операција е да ја спречат Украина да биде членка на НАТО. Ставот следува откако генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг вчера во Киев кажа дека Украина треба да се зачлени во оваа Алијанса. Тој денеска повтори дека Зеленски има поддршка од Алијансата и додаде дека украинскиот претседател ја прифатил поканата да присуствува на претстојниот НАТО самит во Литванија во јули.
„Очекувам сојузниците на НАТО самитот повторно да се обврзат да ја поддржат Украина онолку долго колку што е потребно со значителна воена поддршка за да се осигура дека Украина преовладува како суверена независна нација во Европа“, рече Столтенберг.
Според Столтенберг НАТО мора да се погрижи во идниов период Украина воено да се трансформира, односно да користи современо оружје, а советското да замине во историјата.
Лука Андреев