Бугарскиот претседател Румен Радев за в среда (12 април 2023) во 10 часот ја свика првата седница на новото 49. Народно собрание на Бугарија.

Advertisements

По изборите на 2 април и соопштувањето на конечните резултати, Радев денеска го потпиша указот за свикување на инаугуративната седница.

Во новиот состав на бугарскиот парламент, кој брои 240 члена, најмногу пратеници ќе има коалицијата предводена од поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, ГЕРБ-СДС – 69 пратеници.

Пет места помалку, пак, ќе има коалицијата на уште еден експремиер, Кирил Петков, Промените продолжуваат – Демократска Бугарија (ПП-ДБ).

Трета политичка сила во Народното собрание ќе биде националистичката партија Преродба со 37 пратеници. Еден мандат помалку, пак, освои турската Движење за права и слободи (ДПС).

Бугарската социјалистичка партија (БСП) ќе има 23 пратеници, а Има таков народ (ИТН) на Слави Трифонов 11.

Изборите на 2 април годинава беа петти во период од две години откако претходно ниту една партија не можеше да формира стабилна коалиција и влада.

Сега први во обид да го направат тоа ќе биде коалицијата ГЕРБ-СДС. Во пресрет на изборите, анкетите покажуваа дека над 48 отсто од бугарските граѓани поддржуваат првите две партии со најмногу гласови да формираат влада, меѓутоа тоа веројатно нема да биде случај сега со оглед дека од коалицијата на Петков порачаа дека нема да поддржат влада во која ќе биде партијата на Борисов.

Доколку ГЕРБ не успее да формира влада со некоја од партиите, ПП-ДБ најавија дека како второпласирани ќе предложат свој владин кабинет.