Руската државна агенција ТАСС објави дека претседателот Владимир Путин не планира да присуствува на погребот на папата Франциско, повикувајќи се на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Претседателот нема такви планови“, изјави Песков пред новинарите, според агенцијата, додавајќи дека сè уште не е донесена одлука за тоа кој ќе ја претставува Русија на испраќањето во Ватикан.
Путин последен пат го посети папата Франциско во Ватикан во јули 2019 година.
Телото на папата Франциско ќе биде префрлено во базиликата „Свети Петар“ во среда наутро во 9 часот, објави Ватикан.
Неговото тело моментално е положено во ковчег во капелата на Каса Санта Марта, каде што живеел за време на неговото 12-годишно папство.
Ватикан денес објави дека погребот на папата Франциско ќе се одржи во сабота во 10 часот на плоштадот „Свети Петар“. Тој ќе биде погребан во базиликата Света Марија Голема во Рим.
На последното збогување ќе присуствуваат стотици илјади верници, како и странски лидери како што се американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Текстот Путин нема да присуствува на погребот на папата е превземен од МАКФАКС.