Во Северна Митровица за денеска е најавен протест на косовските Срби против одлуката на властите во Приштина да ја забранат употребата на српскиот динар како готовинско платежно средство во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Протестот го организира Здружението на пензионери од Северна Митровица, а го поддржува најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ), која ги повика Србите од цело Косово да се приклучат на протестот, со цел, како што порача, да се спротивстават на „одлуката на режимот во Приштина да се укине динарот и платежните трансакции, но и против едностраните потези против интересите на српскиот народ“ во Косово.