Претседателката на Косово, Вјоса Османи, тврди дека сите траги од нападот на српската група во Бањска во северно Косово на 24 септември минатата година водат до претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Во интервју за панарапскиот медиум „Ал Ан“ (www.alaan.tv), кое синоќа го дистрибуира прес-службата на Претседателството на Косово, Османи вели дека и од косовските сојузници е потврдено дека Вучиќ стои зад нападот, како наредбодавач и организатор.
„Овие докази се потврдени од нашиот најважен сојузник, а се споделени и со земјите членки на НАТО. Сите докази водат до Вучиќ. Не зборуваме за негово губење контрола врз некои банди. Зборуваме за тоа дека преку банди наредувал и ги организирал нападите. Сега се обидува да побегне од одговорност давајќи некои имиња. Сите знаат, имам примено многу гости и лидери во мојата канцеларија и тоа ми го потврдија. Има и случаи кога директно му кажале на Вучиќ дека имаат многу докази дека тој стои зад нападот. Ова сведоштво е потврдено од разни сојузници“, изјави Османи.