Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш во писмо до рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров презентираше серија конкретни предлози за обновување на црноморскиот договор за жито. Гутереш вели дека рестартирањето на овој договор е од големо значење.
Тој рече дека се работи за иницијатива која е многу важен придонес за целите на ОН за безбедност на храната, како што се намалување на цените и создавање услови за пристап до светските пазари на многу земји, особено на земјите во развој. Тој додаде дека ОН ги земале предвид руските барања.
„Имаме одредени конкретни решенија кои ќе овозможат поефективен пристап на руската храна и ѓубрива до глобалните пазари по соодветни цени. Сметаме дека ОН претставија предлог кој може да биде основа за обнова, но обнова која мора да биде стабилна“, рече Гутереш.