Експерти на Обединетите нации денеска го обвинија Иран за интензивирање на репресијата врз жените, две години по протестното движење што започна поради смртта на 22-годишната Махса Амини, која беше уапсена за кршење на исламските правила за облекување, објавија француските медиуми.
-Две години по почетокот на движењето Жени, живот, слобода, иранската влада сè повеќе работи напорно за да ги елиминира основните права на жените и девојките и да ги избрише последните иницијативи на женскиот активизам, предупреди Меѓународната независна мисија за проверка на факти за Иран.
Од април минатата година, државните власти „ги интензивираа мерките и репресивните политики според таканаречениот план „Нур“, охрабрувајќи, санкционирајќи и одобрувајќи ги кршењата на човековите права против жените и младите девојки кои се противат на задолжителното носење хиџаб, велат експертите.
Советот за човекови права на ОН и нареди на оваа група експерти да спроведе истрага по големите демонстрации што го потресуваат Иран од септември 2022 година, по смртта на Махса Амини.
Неколку стотици луѓе, вклучително и службеници за спроведување на законот, се убиени во протестите, а илјадници други се уапсени за учество во демонстрации кои властите ги опишаа како „немири“ организирани од Западот.