Властите на Исланд се подготвуваат да изградат одбранбени ѕидови околу геотермалната централа на југозападот на земјата кои се надеваат дека ќе ја заштитат од лава доколку дојде до вулканска ерупција.
Сеизмичката активност и подземните текови на лава се интензивираа во текот на викендот на полуостровот Рејкјанес, во близина на главниот град Рејкјавик, што ги натера властите во саботата да евакуираат речиси 4 000 луѓе од рибарскиот град Гриндавик.
Веројатноста за ерупција останува висока и покрај намалувањето на сеизмичката активност, се вели во синоќешното соопштение на Исландскиот метеоролошки институт.
Властите соопштија дека се подготвуваат да изградат голем насип за да ги пренасочи тековите на лавата околу геотермалната централа „Свартсенги“, која се наоѓа на нешто повеќе од шест километри од Гриндавик.
Жителите на кои им било дозволено накратко да се вратат во Гриндавик, денеска повторно се евакуирани откако сензорите забележале зголемување на сулфур диоксид што е знак за потенцијална вулканска активност, бидејќи регионот останува на готовност за можна ерупција во југозападниот дел на Исланд.