Советот на ЕУ и Европскиот парламентот денеска постигнаа привремен договор за формирање нова Управа на Унијата за борба против перењето пари и финансирање на тероризмот (АМЛА), кој ќе има за цел да ги штити граѓаните и финансискиот систем на блокот од перењето илегални пари и од обезбедувањето финансиска поддршка на терористите, пренесе МИА.
Согласно договореното, АМЛА ќе има надзорни овластувања над високоризичните субјекти во финансискиот сектор. Засега не е договорно каде ќе биде седиштето на оваа институција, прашање кое треба да биде усогласено во следните фази од усвојувањето на регулативата.
Се предвидува АМЛА да ја зајакне ефикасноста на рамката за спречување на перењето пари и финансирањето на тероризмот, преку создавање интегриран механизам со националните контролни тела за да се обезбеди почитување на обврските по ова прашање од страна на финансиските институции. Дополнително, АМЛА ќе има задача да пружа поддршка на нефинансиските сектори и да ги координира службите за финансиско разузнавање во земјите членки на ЕУ.
Покрај надзорните овластувања, АМЛА ќе има надлежност и да изрекува парични казни за сериозни, систематски или континуирани прекршувања на правилата за борба против перењето пари и финансирањето на тероризмот.
Управата, исто така, ќе следи дали финансиските субјекти имаат воспоставени внатрешни политики и процедури за да се обезбеди почитување на воведените санкции за замрзнување и конфискација на имотот.
Со АМЛА ќе раководи Главен одбор, составен од претставници на телата за супервизија и агенциите за финансиско разузнавање од сите земји членки на ЕУ, како Извршен одбор, составен од претседател и пет независни членови со полно работно време.
Во следната фаза договорениот текст на одлуката за формирање на АМЛА ќе биде доставен на одобрување до претставниците на земјите членки и Европскиот парламент. Доколку тие ја одобрат одлуката, таа ќе треба формално да биде изгласана од Советот на ЕУ и Европарламентот.