Европскиот парламент усвои резолуција со која повика правото на легален и безбеден абортус да биде вметнато во Повелбата на фундаментални права. Одбивањето на оваа процедура треба да се смета како форма на насилство против жените, стои во дел од објавата.
Advertisements
Истовремено ЕП со големо мнозинство го осуди укинувањето на уставната заштита на абортусот во САД, објави „Политико“.
„Денес ЕП застана во одбрана на сите жени и испрати силна порака која ќе одекне ширум светот. Безбедниот и легален абортус е фундаментално право и како такво треба да биде вклучено во Повелбата“, порача европратеничката Сузана Солис Перез во писмената изјава.
Необврзувачката резолуција, која беше усвоена со 324 гласа „за“ и 155 „против“ е симболичен гест на поддршка кон милионите жени во САД кои ќе го загубат пристапот до абортус по одлуката на Врховниот суд со кој беше укинат правниот преседан „Ро против Вејд“, со што беше укинато полувековното национално право на абортус.
Текстот на резолуцијата започнува со осуда на одлуката на американскиот Врховен суд, која според Европскиот парламент предизвикала политички превирања и ја продлабочила поларизацијата во општеството, а истовремено го вклучил и алармот за глобалното уназадување на сексуалните и репродуктивни права.
Европратениците прстот го вперуваат кон некои земји членки на ЕУ кои изминативе години поставија значајни бариери во пристапот до абортус, како Полска, Словачка, Унгарија и Хрватска. Тие исто така, како случај кој загрижува, ја посочуваат и Малта, каде абортусот е целосно забранет.