Во експлозија на северот на анектираниот Крим, уништени се руски ракети кои се транспортирале со воз, соопшти украинското Министерство за одбрана. Рускиот лидер на градот Џанкој изјави дека областа била нападната со беспилотни летала. Украина потврди дека се случиле експлозиите, но не кажа конкретно дека стои зад нападот.
Доколку се потврди, тоа би бил редок напад на украинската армија на Крим, кој е анектиран од 2014 година.
„Експлозиите го продолжуваат процесот на демилитаризација на Русија и го подготвуваат украинскиот полуостров Крим за деокупација“, се вели во соопштение од украинското Министерство за одбрана.
Киев соопшти дека ракетите биле наменети за руската Црноморска флота.
Игор Ивин, шефот на локалната управа поставен од Русија, изјави дека едно лице е повредено во нападот и дека неколку згради се запалени, но не спомна дека има оштетени воени цели.
Русија ја обвини Украина за нападот со дронови врз црноморската флота во Севастопол во октомври 2022, кога бил оштетен еден брод.