Комисијата за заразни болести препорачува да се засили инспекцискиот надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДЗСИ) на територијата на град Скопје, со цел да може навистина да се види состојбата во градинките и да се добие пореална слика за тоа каква е состојбата со вакцинирани и невакцинирани деца со ДиТеПер, дали се почитува доследно препораката на Комисијата за заразни болести за тоа да не се примаат нецелосно вакцинирани и невакцинирани деца во градинките, кажа денеска д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести.
Тој информираше дека има 123 лица заболени со пертусис, од коишто доминантно најголем број 109 лица се од Скопје.
Оправданоста на епидемијата којашто е прогласена во градот Скопје уште еднаш се потврдува и со последниот извештај од Институтот за јавно здравје. Спорадично имаме појава на по еден случај од Тетово, Дебар и Струмица, меѓутоа сè уште не можеме да кажеме дека состојбата се разгорува на национално ниво, што е добро, кажа д-р Мехмедовиќ.
Првиот случај на пертусис (голема кашлица) беше пријавен на 5 јануари, а Центарот за јавно здравје Скопје на 8 февруари прогласи епидемија на ниво на Град Скопје, по препорака на Комисијата за заразни болести.
Од 18 јануари до 29 февруари годинава по препорака на Комисијата за заразни болести а по наредба на Министерството за здравство работат вакциналните пунктови во Скопје во две смени, и аплицирани се вкупно 22.395 вакцини.
Заклучокот е дека вакцинацијата се одвива добро и дека ќе продолжи со истото темпо. На граѓаните посебно на родителите ќе им бидат достапни овие вакцинални пунктови и во иднина“, рече Мехмедовиќ.
Мехмедовиќ изјави дека следната препорака се однесува на дигиталната евиденција за вакцинација на децата.
Комисијата за заразни болести донесе одлука да препорача во вакциналните пунктови евиденцијата која се води дигитално да биде задолжителна, со цел да имаме реално и подобар преглед за податоците на децата кои се вакцинираат со ДиТеПер, кажа д-р Мехмедовиќ.
Комисијата исто така препорачува да се овозможи тестирање за голема кашлица на ниво на цела држава и да биде спроведувана од локалните Центри за јавно здравје.
Од Комитетот за имунизација е добиена информација дека на 15 март се очекува да пристигнат првите вакцини коишто ќе бидат наменети за возрасни. Комисијата за заразни болести препорачува вакцинација на возрасни лица кои живеат во семејства каде што има мали деца до две години, трудници во последниот триместар, како и персонал кој работи со мали деца.
Директорот на Инфективна клиника, д-р Фадил Цана кажа дека од 1 јануари до денес на Клиниката имале 12 лица прегледани и потврдени за голема кашлица.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.