Пожарникарите во Хонг Конг се уште се борат со пожарот што избувна во магацин, и поради кој се евакуирани 3.400 луѓе, соопшти денеска полицијата.
Противпожарните екипи се на местото на пожарот и ги евакуираа околните згради, вклучително и училиштата, а засега нема информации за жртви.
На две лица кои работеле во близина на локацијата каде избувнал пожарот им се слошило откако вдишале чад, а луѓето од четири училишта и една станбена зграда во близина морале да бидат евакуирани, соопшти полицијата.
Владата отвори привремено засолниште во спортскиот центар за евакуираните и ги советуваше граѓаните да ги затворат вратите и прозорците.
Пожарот избувнал околу 14 часот по локално време во складиште во станбена и индустриска област во Коулун, соопшти владата.
Официјалните лица го класифицираа инцидентот како пожар од трет степен на скала од пет нивоа. Засега не е познато што го предизвикало пожарот.