Кога Косово ќе ја формира Заедницата на српски општини (ЗСО), која е предвидена со Бриселскиот договор, тогаш Србија ќе го исполни својот дел од обврските од дијалогот со Приштина, изјави денеска претседателот на Србија Александар Вучиќ.
„Нема игра во врска со тоа. Мора да го исполните, и само кога ќе го исполните, тогаш ние ќе го исполниме нашиот дел. Можеби како гест на добра волја ќе направиме нешто еднострано, но тоа нема никаква врска со вашата обврска целосно да го исполните тоа, за дури потоа да направиме се останато“, изјави Вучиќ по средбата со министерот за надворешни работи на Шведска Тобијас Билстром, пренесе Бета.
Тој рече дека денес се зборува дека Албанците треба „да започнат процес на формирање на ЗСО“, а Србија веднаш да исполни „се што ќе им текне“.
„Не, работите одат вака: денеска се навршуваат 10 години од усвојувањето на Бриселскиот договор, ја формирате ЗСО со суштински овластувања, а кога тоа ќе го направите, Србија ќе си го исполни својот дел од работата“, рече Вучиќ.