Во вкупно 364 основни и 109 средни училишта во Македонија идната недела ќе почне скринингот за ковид-19 кај 8.178 ученици, соопшти Министерството за здравство.
Скринингот ќе се спроведе со брзи антигенски тестови, по претходно добиена писмена согласност од страна на родителите или старателите на учениците. Собирањето на согласности започна oд денеска, додаваат од МЗ.
Министерството за здравство скринингот во училиштата ќе го реализира по извршен случаен избор на ученици, а тестирањето ќе го прават здравствени работници, кои ќе ги тестираат учениците во самите училишта, во просторија одредена од страна на училиштето. Тестирањето, трае помалку од една минута, истото е безболно и безбедно, и е како секое земање брис од грло или носна шуплина.
Скринингот во училиштата ќе овозможи да се добијат релевантни податоци за можното асимптоматско ширење на вирусот Ковид 19, односно дали истиот се шири низ училиштата и каква е трансмисијата.
Најмногу тестирања ќе бидат спроведени во општините Тетово – 546, Куманово – 489, Битола – 378, Прилеп – 309 и Гостивар – 296. Додека пак, во рамки на училиштата на општините и градот Скопје, скринингот ќе опфати 766 ученици.
Министерството за здравство апелира до родителите и старателите, да дозволат учениците да учествуваат во превентивното тестирање, со цел да се добијат релевантни податоци за трансмисијата на Ковид 19 низ училиштата, како и да се утврдат асимптоматски случаи кај учениците и средношколците.
Со давањето поддршка на скринингот, зачајно ќе се придонесе да се добијат релевантни податоци базирани на докази, кои ќе овозможат натамошно носење на соодветни одлуки од интерес на децата и учениците. Тоа ќе овозможи побезбедно одвивање на наставата како и поголема заштита на здравјето на учениците, велат од МЗ.
Според извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) најмалку заболени од ковид-19 од 27 септември до 3 октомври има кај децата и младите, односно кај возрасните групи од 0-9, 10-19 и 20-29 години.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.