Производот на компанијата „Klein Vision“, наречен „AirCar“ е комбинација од автомобил и мал авион.
Првиот лет на релација Нитра – Братислава го имал во јуни 2021 година, а траел половина час.
Оттогаш, тој успешно ги заврши сите тестови потребни за да добие официјална дозвола за лет од словачките воздухопловни власти. Хибридниот авион досега имал 200 полетувања и слетувања и вкупно 70 часа лет.
Компанијата планира во блиска иднина да понуди директни летови меѓу Париз и Лондон.
„AirCar“, развиен од основачот на компанијата Стефан Клајн, може да се вози по патиштата како обичен автомобил, а откако ќе ги рашири крилата, за помалку од три минути се трансформира во авион.
Клајн и неговите партнери веќе го претставија хибридниот модел, првично наречен „Airmobile“, на неколку меѓународни саеми за автомобили од 2013 година, предизвикувајќи светска сензација.
Подоцна, Клајн раскина со своите финансиски партнери и основаше своја компанија, која сега сака да излезе на пазарот со летечкиот автомобил наречен „AirCar“.