Десетици луѓе загинаа, а повеќе се ранети во престрелка во градот Левистон, во американската сојузна држава Мејн.
Полициската управа во Левистон објави дека осомничениот за нападот е Роберт Кард (40), велејќи дека тој треба „да се смета за вооружен и опасен и дека е во тек голема потера по него“, пренесува Ројтерс.
Агенциите објавија дека бројот на загинати се движи од 16 до 22, а најмалку 60 се ранети.
Полицијата објави три фотографии на Фејсбук, барајќи помош од јавноста за идентификување и лоцирање на напаѓачот, пренесува Хина.
На две фотографии е прикажан осомничениот, маж со брада во кафена јакна со качулка и фармерки, како држи полуавтоматска пушка, а на третата е прикажан бел џип.
„Има активен напаѓач во Левистон. Ги молиме граѓаните да останат во своите куќи со заклучени врати. Полицијата во моментов истражува на повеќе локации“, објави полицијата на државата Мејн претходно на социјалната мрежа X.
„Сан журнал“, цитирајќи го портпаролот на полицијата во Левистон, објави дека се пукало во три различни објекти, вклучително и куглана и кафуле.
Тие два објекти се оддалечени 6,5 километри.
За настанот биле информирани и американскиот претседател Џо Бајден и гувернерката на Мејн Џенет Милс.