Улогата на менаџерскиот тим за статутот на Заедницата на општините со мнозинско српско население на Косово завршува само кога статутот ќе биде одобрен. Според Европската Унија, одлуката на Владата на Косово за негово разрешување е спротивна на договорот. Според ЕУ, договорите за дијалогот јасно кажуваат дека менаџерските тимови треба да постојат додека не се одобри статутот на Заедицата.

„Тие не беа дел од ниту една делегација, ниту Србија, ниту Косово. Страните се договорија за составот на менаџерскиот тим. Членовите на овој тим се предложени од Србија, а официјално именувани од Косово. Менаџерскиот тим го предложи и го претстави првиот нацрт, што значи дека тие го започнаа процесот, а не дека процесот завршил. Според тоа, одлуката за разрешување на менаџерскиот тим ги нарушува текстот и духот на договорот“, рече Петер Стано, портпарол на ЕУ.

Претседателот на Србија, Александaр Вучиќ изјави дека по изборите на 23 април се очекувала голема криза на северот на Косово. И овој пат тој го спомена и обвини меѓународниот фактор за кој рече дека „го поддржуваат премиерот на Косово во обид да го скршат српскиот отпор“.

„Курти одби, имаше предлог да се направи привремено решение со кое нема да ги земат канцелариите на 28 мај затоа што тоа секако ќе донесе немир и проблеми. Мислев дека тоа е идеална можност Курти да се извлече од големиот срам, но тогаш сфатив дека тоа е всушност план, дека иако тој вели оти не е ентузијаст за тоа, тој е суштински ентузијаст и гледа најдобра шанса да ги истера Србите од северот на Косово. Кога сфатија дека ова не може да помине и оти бев прилично решен дека такво нешто е едноставно невозможно, се обидоа рационално да ги решат работите на северот, бидејќи нè чека голема криза“, рече Вучиќ.

Косово и Србија постигнаа договор за формирање на Заедницата во 2013 година, а нејзините принципи беа договорени во 2015-ттата. Сепак, договорот за Заедницата никогаш не беше спроведен поради инсистирањето на Белград таа да има широки овластувања. Приштина тоа не го прифати со образложение дека на тој начин може да се загрози функционирањето на државата.

Алсат