Неколкучасовните одвоени разговори меѓу косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ со европските претставници во Брисел завршија без договор.
Борел по средбите со Вучиќ и Курти изјави дека дијалогот е единствениот начин да се дојде до решение и дека од тоа зависи европскиот пат на двете страни.
„Работата е во тек. Можеби ќе треба да го напуштам самитот на ЕУ за повторно да се сретнам со лидерите на Косово и Србија за да видиме дали можеме да најдеме решение преку дијалог. Друго решение нема. Европскиот пат на Косово и Србија минува низ овој дијалог“, изјави Борел за новинарите по пристигнувањето на состанокот на лидерите на Унијата и нејзините членки.
Дипломатски извори за регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) изјавиле дека Шолц, Макрон и Мелони, како и Борел, изразиле подготвеност привремено да го напуштат самитот на ЕУ и да се вратат на разговорите со Вучиќ и Курти доколку нивното присуство придонесе за напорите.