Основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, доби дозвола да се ожени со својата свршеница Стела Морис во затворот Белмарш во Лондон, пишува британскиот дневен весник „Гардијан“.

Advertisements

Според весникот, парот добил одобрение за венчавката само неколку дена откако Асанж и Морис изјавија дека тоа не им е дозволено.

Весникот посочува дека тие планирале да покренат правна постапка против министерот за правда Доминик Рааб и управителот на затворот.

Асанж е во затвор од 2019 година, со максимално обезбедување во Белмарш, бидејќи САД бараат негова екстрадиција.

Морис е адвокат и го запознала Асанж во 2011 година додека била во неговиот правен тим.

Двајцата ја започнаа својата врска во 2015 година, а се свршија две години подоцна. Морис минатата година објави дека имаат два сина.

Асанж се засолни во Амбасадата на Еквадор во 2012 година за да избегне екстрадиција во Шведска, каде што беше обвинет за сексуален напад. Тој во повеќе наврати ги негираше обвинувањата, кои сега се отфрлени.

Во текот на 2019 година тој беше уапсен врз основа на американска потерница под обвинение за шпионажа поради објавување доверливи документи на својата платформа „Викиликс“.

„Викиликс“ објави голем број воени документи и документи на Пентагон поврзани со војните во Авганистан и Ирак.