Претседателката на Поткомитетот за Европа во Комисијата за надворешни политички односи на Сенатот на САД, сенаторката Џин Шахин, со поддршка на нејзините колеги од двете политички партии, уште еднаш го предложи „Законот за демократија и просперитет на Западен Балкан“ на новото свикување на Сенатот.
Со поддршка на сенаторите Роџер Викер, Бен Кардин, Дик Дурбин и Крис Ван Холен, целта на предлогот на сенаторот од Њу Хемпшир е да се унапреди соработката меѓу земјите од Западен Балкан, но и соработката на тие земји со Соединетите Американски Држави на полето на сајбер безбедноста и сајбер отпорноста, имајќи ги предвид „штетните напори на Иран и Русија да ги направат земјите од регионот нивна цел“, пренесува Гласот на Америка.
Според соопштението од веб-страницата на сенаторката Шахин, законот поддржува „демократска стабилност и економски развој на регионот, преку иницијативи во инфраструктурата, трговијата и антикорупцијата, вклучително и правно формализирање на санкциите, со цел да се одвратат актерите кои водат дестабилизирачки активности”.
Законот повторно влезе во процедура на Сенатот во четвртокот, непосредно пред расправата на Комисијата за надворешни политички односи за Западен Балкан.
Речиси истата група сенатори го предложи на последното свикување на Сенатот, но не беше усвоен.