Ќе потклекне ли Русија на санкциите на Западот? Москва е одлучна да ги продолжи воените дејствија, додека Киев се надева дека помошта од партнерите ќе даде резултат.
Русија е се поблиску до контраодговор на санкциите на Западот. Заменикот претседател на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев истакна дека воената операција во Украина ќе биде целосно спроведена, а санкциите нема да ја променат политиката на Москва.
„Има добри вести. Санкциите можат да бидат одлична причина за конечно преразгледување на сите односи со оние држави кои ни ги наметнаа. Вклучително и ставање крај на дијалогот за стратешка стабилност“, рече Дмитриј Медведев – поранешен руски претседател
Западните лидери пак, се уверени дека санкциите ќе дадат резултат, а последно, британскиот премиер Борис Џонсон ги предупреди Русите со какви последици може да се соочат.
„Активностите на Путин водат кон целосна изолација на Русија, изолирана од остатокот од меѓународната заедница, погодена од огромни економски санкции и соочена со непотребна и крвава војна, која веќе чини безброј животи од невини Украинци, како и ваши руски војници кои никогаш нема да ги видат своите семејства повторно и на моите руски пријатели“, рече Борис Џонсон – премиер на Велика Британија
Украинскиот претседател Зеленски, изјави дека антивоената коалиција функционира, но побара уште еден чекор за, како што вели, дополнителна поддршка.
„Ова го кажувам најискрено колку што може, украинскиот народ заслужува и има право да добие членство во Европската унија. Ова ќе биде главниот доказ за поддршката за нашата земја“, рече Володимир Зеленски – претседател на Украина
Додека тензиите во Украина се уште се во полн ек, францускиот претседател Макрон не е оптимист дека наскоро би дошло до смирување во односите Москва-Киев.
„Оваа војна ќе трае. И сите последователни кризи ќе имаат трајни последици. Мораме да се подготвиме со многу одлучност и многу солидарност”, рече Емануел Макрон – претседател на Франција
Шансите Зеленски и Путин да седнат на маса се се помали. Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков информира дека Путин вчеравечер наредил воените дејствија да запрат, во очекување да започне дијалог. Но, како што вели Песков, бидејќи тоа не се случило, битките продолжиле. Преговори прв побара Зеленски под посредништво на Израел, додека пак Москва инсистираше разговорите да се одвиваат во Минск. /Алсат.мк
Лука Андреев