Можноста дваесет пратеници да побараат свикување нова седница не е и обврска за претседателот на Собранието да свика седница, изјави претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, на почетокот на денешната нова 125. седница одговарајќи на барањето на пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ да се свика продолжение на 123. седница за да се гласа за уставните измени.
На почетокот од 125 седница во Собранието, претседателот одговори дека основот на барањето е несоодветен.
– По однос на барањето, мислам дека основот не ви е соодветен, да побарате свикување на прекината седница. За нова седница е неспорно, можете да побарате, но, тоа е повторно можност да побарате, но не и обврска за да се свика седница. Правниците тоа си го знаат. Свикување седница, покрај другото може да побараат 20 пратеници. Претседателот може да свика седница по барање на 20 пратеници. Може, што значи и не мора. Така што, да сме начисто со тоа. Ниту множев, ниту делев, а кој се множи сам себеси тоа си е негов проблем, рече Џафери.
Тој дополни дека продолжението на прекината седница е во исклучива надлежност на претседателот на Собранието.
– Ставот 5 од членот 81 е јасен, прецизен и дециден во смисла на тоа дека прекината седница е во исклучива надлежност на претседателот на Собранието, кога ќе продолжи со таа седница. Впрочем, како што и многу други седници стојат и чекаат продолжение поради одредени работи кои што и вам и на јавноста претходно им се познати, а тоа е поради неработењето на соодветните комисии, рече Џафери.
Тој дополни дека 123. седница ќе продолжи тогаш кога ќе има услови да продолжи.
Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека седницата на 18 август била затворена без никакво образложение и побара од Џафери, повикувајќи се на член 67 став 2 од Деловникот и согласно потписите од дваесет пратеници од оваа партија да се свика продолжение на оваа седница. -И барем еден облак којшто виси над македонските граѓани да се разреши дилемата околу тоа кој е за или против уставни измени, рече Стојановска.
Според неа, проблемите треба да се решаваат, и во Собранието треба да се зборува за случувањата на Клиниката за онкологија. Забележа дека непосредно пред седницата, која доцнеше со почетокот, се дојдени закони по скратена постапка, меѓу кои и измени на Кривичниот закон.
Според пратеникот Димитар Апасиев, промена на Устав се прави со специјални одредби и деловничкиот рок не зависи од ничија волја.
Собранискиот спикер ја прекина седницата за уставните измени на 18 август со информација дека нема веќе пријавени за дискусија, а продолжението, како што рече, дополнително ќе биде закажано.