Потпретседателот на САД, Џ. Д. Венс, рече дека се надева оти неговата сопруга Уша, која е хинду, еден ден ќе стане христијанка. Тој ја сподели својата лична желба за време на говорот на настан за конзервативната организација Turning Point USA на Универзитетот во Мисисипи, објави „Њузвик“.
„Се надевам дека таа го гледа евангелието на ист начин“, рече тој.
Венс им откри на присутните дека неговата сопруга веќе го следи во црква, иако не е христијанка. „Сега, повеќето недели, Уша доаѓа во црква со мене“, рече потпретседателот.
Потоа јасно ги искажа своите очекувања. „Како што ѝ кажав и јавно изјавив, а ќе кажам и сега пред 10.000 мои најблиски пријатели: Дали се надевам дека на крајот ќе биде трогната од истото тоа што мене ме трогна во црква? Да, искрено се надевам. Бидејќи верувам во христијанското евангелие и се надевам дека мојата сопруга на крајот ќе го гледа на ист начин“.
Сепак, тој бргу додаде дека ја почитува нејзината одлука, каква и да била. „Но, ако не, тогаш Бог вели дека секој има слободна волја, па тоа не е проблем за мене“, заклучи тој.
Митингот на кој зборуваше Венс беше посветен на чествувањето на убиениот конзервативен активист Чарли Кирк, а присуствуваше и неговата вдовица Ерика.
Фото: ЕПА
Текстот Џ. Д. Венс се надева дека неговата сопруга ќе стане христијанка е превземен од МАКФАКС.























