Пратеникот на коалицијата ВЛЕН, Беким Ќоку, ги осуди навредливите зборови што српскиот претседател Александар Вучиќ ги упати кон Радмила Шекеринска, заменик-генерален секретар на НАТО. Според Ќоку, личните напади, омаловажувачката реторика и инсинуациите со шовинистичка нота „немаат место во политичката комуникација на еден државен претседател“.

„Зборовите на Вучиќ имаат за цел човечка и полова деградација, откривајќи тенденција за регресија во цивилизираните и демократските аспекти на нашиот регион, бидејќи сигурно политиките што тој ги претставува сонуваат да се вратат децении или дури векови назад, во времиња кога бруталностите и агресиите врз соседите и другите можеа да се извршуваат неказнето“, нагласува пратеникот Ќоку во објава на Фејсбук.

Toj додава дека за жал, како што вели, за шовинистите, а за среќа за огромното мнозинство од Балканот, времето не може да се врати назад и човечките и цивилизираните вредности повеќе нема да отвораат врата за бруталност и агресија.

„Во време кога безбедноста во Европа повеќе не се зема здраво за готово, нормално е, па дури и неопходно, соседните држави да ја зајакнат одбранбената соработка. Значи, декларацијата за соработка меѓу Косово, Албанија и Хрватска не е пакт против никого, туку инвестиција во поголема координација, во духот и евроатлантските стандарди“, истакнува Ќоку.

Сојузите изградени врз овие вредности, додава тој, „не се закана за никого кој нема дестабилизирачки намери, напротив, тие се гаранција за граѓаните на целиот регион“.

Според него, НАТО останува најголемиот фактор на мир во регионот. Благодарение на него, Косово денес е безбедно и регионот нема да се врати во 1990-тите.

„Затоа, секој што ја нарекува оваа соработка провокација, всушност се обидува да ги прикрие сопствените сенки. Историчарите, и не само тие, туку и многумина од нас што живеевме тука во текот на 1990-тите, многу добро знаат кои сили и кои политички убедувања беа причина и поттикнувач на насилството, која земја ги промовираше и ги заштитуваше. Србија на Вучиќ, како и Србија на Милошевиќ, која ја потпиша капитулацијата во Куманово во 1999 година, не ја сака Северна Македонија во НАТО. Сепак, никој повеќе не се прашува за ова прашање“, нагласува Ќоку во објавата.