Пратеникот на коалицијата ВЛЕН, кој доаѓа од редовите на косовското движење Самоопределување, Беким Ќоку преку објава повторно ја нападна ДУИ и тенденциите на останатите партии за соработка со овој политички субјект. Според него, „денешните редови на ДУИ повеќе не се политичка партија во вистинска смисла на зборот, туку структура зафатена од организиран криминал, корупција, кражба и политички неморал“, пренесува Локално.

„Нема друга албанска партија во целиот автохтон балкански простор што го достигнала ова ниво на компромис и дегенерација.

Оваа ситуација, за жал, претставува сериозна пречка за секој искрен напор за меѓупартиска координација и соработка по големи национални прашања.

ДУИ не само што го изгуби својот политички кредибилитет, туку и својот морален и национален кредибилитет. По сите овие години афери, злосторства, убиства и скандали, денес повеќе од кога било е јасно дека приоритет на нејзиниот лидер не е општиот интерес, туку личната и семејната добивка. Али Ахмети е спремен да ја жртвува секоја вредност и заеднички интерес за заштита на неговото најблиско семејство.

Затоа, секој што соработува со ваков ДУИ не може да се рече дека не знаел или дека е наивен – тој е соучесник во самиот криминал, за лични или клански интереси“, посочи пратеникот во објава на социјалните мрежи.

„Владината коалиција е одлична“ – вака премиерот Христијан Мицкоски уверува дека случувањата во ВЛЕН нема да влијаат на стабилноста во владиното мнозинство. Се очекува средбата меѓу премиерот и Арбен Таравари, по што ќе се знае иднината на Алијанса во владината коалиција.

Дали Таравари ќе остане во Владата и покрај тоа што не е дел од ВЛЕН – Ахмети со став: Тоа се внатрешни прашања што Таравари треба да ги менаџира. Претседателот на ДУИ, Ахмети, истакна дека неговата партија и „Европскиот фронт“ сè уште не донеле одлука како ќе настапуваат на локалните избори кои треба да се одржат во октомври годинава. Во текот на неделава партијата ќе ги разгледа сите прашања.