Владата подготвува мерки за високите цени на прехранбените производи во маркетите. Премиерот Мицкоски вели дека екипи на Државниот пазарен инспекторат и Комисијата за заштита од конкуренција се постојано на терен, а веќе се покренати и одредени постапки.
„Мерките се во тек, а тоа што не правиме естрада од политките што ги водиме не значи дека не се грижиме. Секојдневно ДПИ и Комисијата за заштита од конкуренција се на терен, дури има одредени постапки што се почнати и покренати“, кажа Мицкоски.
Тој очекува намалување на инфлацијата во следниот период и нејзино сведување на 2 до 3% наредната година. Рече дека првпат по многу месеци и базичната инфлација се намалува.
„Очекувам во овие месеци да има намалување, а следната година да дојдеме до инфлација меѓу 2 и 3 отсто на годишно ниво. Ако ја споредиме инфлацијата со земјите околу нас кои се дел од ЕУ, Хрватска 4,6, Романија 6,8 отсто во август, кај нас има тренд на намалување и првпат по многу месеци можам да кажам дека и базичната инфлација, но и цените на прехранбените производи на месечно ниво имаат негативен партаметар, тоа значи дека се намалуваат“, изјави премиерот.