Пишува: Владимир Перев

1.
Напорите на Македонија да го сочува своето име, а сега и „идентитетот“ личат на бескрајна турска серија во која непознати и неважни личности играат насловни ролји, за вистинското дејствие да се одигрува некаде надвор од големата сцена, дејствие притаено, но полно со непредвидливи пресврти. Почнавме со Времената спогодба, за да преминеме на “одбрана на името“ во просториите на ООН во Њујорк, каде гледавме непотребни, бесплодни и стерилни средби на Сајрус Венс и нашите преговарачи, средби одржани низ некои нејасни неформални простории, ходници или канцеларии. Добивме многу испиени кафиња, големи сметки од преговарачите и конечно, го добивме најлошото можно решение за името. Добивме решение со придавка и делимично, прилично голем дел загуба на идентитетот. Тоа беше крајот на нашите митологеми, целенасочено всадувани во младите (па и повозрасните) генерации, со цел за заштита на она што наводно “сме го имале кога сме биле под Тито“. Но, тоа не беше крајот на агонијата, напротив!

2.
ДПМНЕ и Христијан Мицкоски како премиер, во овие мигови ја заоструваат борбата за “вековниот македонски идентитет“, концентрирајќи се на недоразбирањата со Бугарија. Нема вистински недоразбирања. Македонската влада и институции намерно ги мешаат поимите народ и нација, држава и државност, македонизам и македонство, со двојна цела: 1. Преговорите со ЕУ да не успеат по “вина“ на Бугарија, и 2. Македонија да остане во орбитата на “српскиот свет“ и близу до Русија, единствените кои нам на национален план ни ги прифаќаат сите бесмислици…барем сега за сега. Никој не знае кога, како и зошто Русија и „братската“ Србија ќе го „свртат ќуркот“ и ќе ни запеат поинаква песна. Русија веќе почна: на официјалниот сајт на Руската федерација во Софија стои дека „светите рамноапостоли Кирил и Матодиј ја создале руската азбука и славјанската писменост“…нас и бугарите никаде не нема, а Србија воопшто не ја споменува Бугарија како славјанска земја…тоа е од актуелното, последно чествување на денот на Светите Браќа.

3.
Мицкоски со нетрпение чека да учествува на некој од самитите на НАТО, конкретно оној во Хаг, за да ја праша бугарската страна, пред највисоките великодостојници на ЕУ и НАТО, што се случило со „200.000 македонци во Бугарија“. Прашањето е беспотребно. Тоа се бројки на насилен попис и асимилација, со цел да се воспостави некаква Балканска федерација, сонот за владеење на Балканот и разбивањето на Бугарија како држава. Тоа е неотсонуваниот сон на другарот Џугашвили. Работите оделе како “по лој“, сѐ додека Георги Димитров не се полакомил и сакал во таа фикција од федерација да ги стави и Чехословачка, Романија, па и Грција како придружен член. Сталин се сепнал, а „македонците во Пиринско“, биле одново насилно, вратени “на своето“. Бројката од 200 илјади е фикција на комунистичките одроденци од својата нација и држава, а овие нешта се добро документирани и познати на речи си сите високи функционери од Европа. Па не била само НКВД и бугарската ДС на терен во тие мигови на национално насилие, биле таму и ЦИА, ФБИ (било полувоено време), биле французите со Дезием биро, а и грчките и турските служби не седеле со скрстени раце. Таму имале “свое“ население и интереси.

4.
Мицкоски треба да се плаши од ЕУ и бугарската страна да не добие прашање во форма дали знае „што се случило со 800 илјади бугари од територијата на географска Македонија, кои во периодот од 1912 година, до 1926 година заминале и останале во Бугарија, што се случило со македонобугарските цркви, училишта, свештеници и учители“. Тоа е своевиден геноцид над населението кое тој денес би го владеел, а согласувањето со тогавашната српска и грчка политика, прмолчувањето на егзодусот на македонските бугари и неосудувањето на режимите во тоа време, макар и минати, значи и одобрување на тој чин. Тоа би било прашање на неговото достоинство…колку да се знае, сето ова е добро документирано во архивите на ЕУ, но го има и во Архивот на РСМ, само треба да се побара и погледне. Или, премиерот на РСМ не се чувствува како премиер на сите граѓани во земјава, па макар и онаа гледана како виртуелна…ама несреќните раселени луѓе биле реални.

5.
Интересни се последниве размислувања на претседателката Силјановска Давкова за разговорите со бугарскиот претседател Радев и за деблокадата на преговорите со “креативна дипломатија“, што и да значи тоа. Истовремено објави нејзини предлози до ЕУ, во кои порача, „дека Европарламентот може да донесе акт за состојбите меѓу Македонија и Бугарија, а Советот да даде одредени инструкции. Предложи и потпишување на уште еден протокол меѓу Скопје и Софија“ .

Македонската јавност не треба да биде заблудувана со невозможни решенија и мисии. Во Бугарија не постои ниту еден политичар кој би се согласил да се донесуваат од страна на Европарламентот некакви нови акти за “состојбата“ меѓу Македонија и Бугарија, или за некакви нови протоколи, надвор од зацртаната политика со Договорот за добрососедство. Најмалку тоа треба да се очекува од претседателот Румен Радев, од премиерот Желјасков или од министерот за надворешни работи Георг Георгиев. Тука ситуацијата е јасна. Истовремено, дипломатската понуда Силјановска Давкова и Радев да седнат на преговарачка маса во присуство на челниците на ЕУ и НАТО, може да доведе до непријатни и неочекувани резултати. Бугарската страна може да ги одбие таквите разговори-преговри и во тој случај “гревот“ ќе падне на нив, но без некои особени последици. Ако пак Бугарија „ризикува“ да седне на таква маса, може да ја чуеме следна реплика од бугарска страна: ние сакавме да сме единствени во прославите за нашите великани кои нѐ задолжиле нас и во двете држави, ама вие не сакавте. Сега ние не сакаме да седнеме со вас на маса и да го чествуваме Гоце, Даме и другите. Тие се наши и вие, како нова нација и држава, ќе треба со тоа да се согласите и кон тоа да се придржувате!

Тука не помага никаква “креативна дипломатија“, тука помага само здравиот разум од македонска страна и системско расчистување со сопствената митологија, онаа нашата стерилната, која од митологија не може да прерасне во мит за сопствениот идентитет и место во историјата.

Изгледа лекцијата со Грција не сме ја научиле, или брзо сме ја заборавиле! Со империите нама играње игри на насилие и истоштување…околу нас сите се империи!