Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска во Музејот на македонската борба се обрати на научно-стручниот собир „Еногастрономски туризам: Како да креираме автентични македонски туристички искуства?“, во организација на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Во своето обраќање, Љутков истакна дека гастрономијата и винската индустрија претставуваат едни од најважните културни и економски сектори на нашата земја, кои со своето богатство и разновидност нудат задоволство на вкусот, но и многубројни можности за развој на туризмот и за промоција на нашиот уникатен идентитет.

„Македонија е земја со длабока историја, богата култура и природни убавини кои оставаат без здив. Но, нејзиниот вистински дух се доживува преку еногастрономијата – преку вкусот на традиционалните јадења и ароматите на врвните вина што раскажуваат приказни за плодната почва, сончевите лозја и вековните обичаи“, рече министерот.

Тој посочи дека земјава ги има сите предиспозиции за да биде препознатлива на глобалната еногастрономска сцена. Затоа, како што рече, ако сакаме да ја позиционираме Македонија како врвна туристичка дестинација, ние, едноставно, мора да ја истакнеме нејзината еногастрономска аура – како нејзин белег, како нејзина предност, како нејзина порака до светот.

„Гастрономијата и винската индустрија во Македонија имаат голем потенцијал за понатамошен развој. Со правилна поддршка и инвестирање во инфраструктурата, образованието и маркетингот, Македонија може да стане регионален лидер во еногастрономската индустрија. Развојот на туризмот заснован врз локалните гастрономски и вински ресурси ќе обезбеди нови работни места и ќе ја зголеми видливоста на Македонија како дестинација за висококвалитетен туризам“, рече Љутков.

За таа цел, според министерот, потребна е интензивна соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор, како и понатамошна едукација и промоција на македонската кујна и вино.

„Потребно е сите чинители – од земјоделците и винопроизводителите до рестораните и туристичките агенции – да работат заедно, на создавање брендови кои на најдобар начин ќе говорат за нас на пребирливата, светска, еногастрономска сцена. Само така ќе успееме да го откриеме вистинскиот потенцијал на нашата земја и да се поставиме како важен играч во глобалниот еногастрономски свет“, потенцираше Љутков.

На научно-стручниот собир се обратија и Елена Младеновска Јеленковиќ, извршна директорка на здружението „Вина од Македонија“ и деканката на Факултетот за туризам и бизнис логистика, Татјана Бошков.