реклама

Сопственикот на платформата Икс, Илон Маск, ќе мора да го почитува правото на Европската Унија и да ги ограничи нелегалните содржина на својата социјална мрежа, доколку сака да продолжи да работи во Унијата, изјави потпретседателката на Европската комисија за вредности и транспарентност Вера Јоурова.

– Маск прави добар бизнис во Унијата, ако реши да остане во неа, ќе мора да се придржува до правото на ЕУ, изјави Јоурова, додавајќи дека засега дијалогот со Маск „не оди добро“.

реклама

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Европската комисија најави дека разгледува започнување истрага околу илегалните содржини и дезинформации пласирани на Икс поврзани со конфликтот меѓу Израел и Хамас, по што се појавија информации дека Маск размислува да ја повлече социјалната мрежа од ЕУ, но тој ги негираше таквите тврдења.

Според Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА), социјалните мрежи и останатите големи интернет платформи мора да ги отстранат објавените илегални содржини и дезинформации.

реклама

По избувнувањето на конфликтот меѓу Израел и Хамас на почетокот на месецов, претставници на ЕУ внимателно проверуваат колку социјалните мрежи ги почитуваат барањата на ДСА за отстранување на илегалните содржини.

Платформата Икс беше прва посочена околу објавувањето на вакви содржини, по што на барање на ЕК до минатата недела требаше да одговори како се справува со „терористичката пропаганда и дезинформации поврзани со кризата“.

реклама

Портпаролот на Еврокомисијата за дигитална економија, иновации и истражувања Јоханес Барке изјави дека поради „чувствителната природа на предметот“ засега не може да даде информации во однос на случајот со Икс, нагласувајќи дека ЕК е во контакт со социјалната мрежа.

Статистичките податоци покажуваат дека платформата Икс ја користат над 101 милион жители на ЕУ, меѓу кои и членовите на Европската комисија и голем број претставници на останатите институции на ЕУ.

Јоурова, од своја страна, изјави дека ќе го задржи својот профил на Икс, иако се чувствува „прилично лошо“ поради растечкото ширење на „омраза, насилство и криминал“ на оваа мрежа, додавајќи дека Европската Комисијата не ја променила својата политика за користење на социјалните медиуми.

– Нема официјална дискусија дали ќе ја смениме алатката за комуникација во моментов. Твитер или Икс останува платформата што ја користиме, додаде Јоурова. 

реклама