Претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, преку соопштение до јавноста упати остри критики кон ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја партијата за, како што наведува, изборни нерегуларности на локалните избори во Општина Карпош.

„Во Карпош не победивте! Силувавте! Карпош го украдовте!“, наведува Јакимовски, додавајќи дека борбата на изборите не била витешка, туку „кукавичка“. Според него, изборниот процес бил проследен со купување на гласови, злоупотреби, притисоци и медиумска блокада.

Во соопштението, тој истакнува дека во сите изборни циклуси досега секогаш ги прифаќал резултатите и честитал на победниците, но дека овојпат „не може да признае нешто што не било чесно добиено“.

Јакимовски тврди дека бил сведок на, како што наведува, „организирано купување на ромски и албански гласови, уцени, двојни гласачки ливчиња и употреба на јавни ресурси во корист на противкандидатот“.

Тој го спореди исходот од изборите со претседателските избори во 1999 година, обвинувајќи дека „исто како тогаш, повторно победила неправдата“.

Соопштението завршува со ставот дека, според него, „граѓаните на Карпош се вистинските губитници во оваа нечесна изборна битка“.

Текстот Јакимовски не признава пораз, обвинува за нерегуларности: „Во Карпош не победивте, го украдовте“ е превземен од МАКФАКС.