Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, се огласи откако партијата Левица го прозва дека одбил учество во најавената дебата на телевизија Телма со неговиот противкандидат Амар Мециновиќ.
„Вечерва одбрав да бидам со мојот народ, на завршниот митинг во Скопје. Добро знаете, никогаш не бегам од ништо“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочи дека дебата со кандидатот на Левица веќе се одржала на телевизија Канал 5, по која, како што рече, станале јасни ставовите и разликите меѓу двајцата кандидати.
„Евидентно е ниското ниво на политичка култура, безидејноста и недостигот на планови кај кандидатот Амар Мециновиќ, што значи дека секоја следна дебата не би била судир на концепти, туку судир меѓу концепт за Скопје и празна реторика“, напиша Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека „на Скопје му требаат решенија, не демагогија“ и дека вистинскиот тест ќе бидат граѓаните на избори, истакнувајќи дека ја почитува професионалноста на телевизијата што ја испратила поканата за дебата.
Ѓорѓиевски и Мециновиќ ќе се соочат во вториот круг од локалните избори во Скопје, кој ќе се одржи во недела, на 2 ноември.
Претходно, Левица објави дека дебатата на Телма е официјално откажана затоа што, како што наведоа, владиниот кандидат не сакал да присуствува, и дека со тоа граѓаните остануваат без суштинска, реална дебата меѓу двајцата кандидати за прв човек на главниот град.
Текстот Ѓорѓиевски: Веќе имаше дебата со Мециновиќ, вечерва одбрав да бидам со мојот народ е превземен од МАКФАКС.
 
		