Претседателите на Русија и САД, Владимир Путин и Џо Бајден, денеска ќе одржат виртуелен самит на кој ќе се зборува за многубројни актуелни прашања.
Како што соопшти портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, Путин на состанокот планира да предложи заемни безбедносни гаранции.
Песков, исто така, информира дека главна тема на разговор ќе биде безбедноста на Русија и НАТО, пренесуваат руските медиуми.
Путин неодамна и јавно повика НАТО да престане да се шири кон исток, барајќи од западниот сојузник пишана гаранција за тоа. Русија за возврат е подготвена на сојузот да му понуди сопствени гаранции за заемен мир, порача тогаш шефот на руската држава.
Во средиштето на разговорот ќе биде и порастот на тензиите околу Украина. САД претходно ја обвинија Русија дека подготвува воена инвазија над Украина, но од Москва ги отфрлија овие шпекулации како неосновани.
Според најавите од Кремљ, видеосостанокот помеѓу двајцата претседатели би требало да започне околу 17:00 часот по средноевропско време и се очекува да трае до вечерните часови.